Биографија

Биографија







Јохан Хајнрих Песталоци бил швајцарски педагог и учител. Да се говори за Песталоци, значи да се говори за човек кој несебично и безрезервно ја сакал својата земја и својот народ и за тоа како човек треба да му се служи на човековиот културен напредок. Иако живеел во 18-тиот век, неговите мисли, неговите дела и педагошки сфаќања не застаруваат, туку напротив, стануваат сè поактуелни.

Се родил во 1746 година во градот Цирих, во Швајцарија. Неговиот татко, кој починал многу рано, бил лекар. За неговото воспитување се грижела мајка му која силно влијаела тој да се развие во длабоко чувствителна и хумана личност.

Откако ги завршил елементарното и латинското училиште, студирал филозифија, филологија, право, земјоделие и теологија. Како личност се развивал во втората половина на 18-тиот век, период кога во Швајцарија се ширело мануфактурното производство, а пропаѓало селското „газдинство“. Растеле социјалните неволји, сиромаштијата, алкохолизмот. Тоа влијаело Песталоци, покрај своето образование, да стане обичен земјоделец кој со огромна сила и љубов ќе започне да работи на воспитанието и образованието на селскиот народ. Купил голем земјишен имот со цел да покаже како треба да изгледа вистинско „газдинство“. Финансиски пропаднал, но решил да му помогне на народот на воспитен план. Следуваат низа настани во кои покажал голем ентузијазам, упорност и волја да воспитува и да образува. Подигнал собиралиште за сиромашни и незгрижени деца и се грижел за сирачиња во градот Штанц. За оваа своја работа запишал:

„Од утро до вечер бев сам со нив. Сè што беше добро за нив го примаа од мене. Мојата рака лежеше во нивните раце, моите очи гледаа во нивните очи. Моите солзи течеа заедно со нивните. Мојата насмевка ја следеше нивната насмевка. Немав ништо, ни домаќинство, ни слуги, ни пријатели. Ги имав само децата“.

Својата педагошка работа ја продолжил во Бургдорф, Ивердон и во други места. За сето тоа време објавил низа педагошки дела во кои пишувал за своето педагошко искусто и го свртел вниманието на педагозите. Негови творби се: „Вечерните часови на еден пустеник“, „Како Гертруда ги учи своите деца“, „Случки од мојот живот“, „Лебедова песна“ и др.

Исцрпен од макотрпната работа умрел во 1827 година. На надгробната плоча, меѓу другото, изрезбани се зборовите: „Сè за другите, ништо за себе“. И овие зборови сведочат за величината на овој педагог, учител и реформатор, а пред сè голем хуманист, чие име гордо го носи нашето училиште.