НОВОСТИ

Гете Институт – Скопје му додели на нашето училиште куфер со 10 IPad-и

Одличната соработка помеѓу Гете Институт – Скопје и нашето училиште продолжува понатаму

Иницијативата „Училишта: Партнери на иднината“ (PASCH) поврзува мрежа од повеќе од 2.000 училишта ширум светот со особена врска со Германија. Гете-институт поддржува околу 600 партнерски училишта во рамки на националните образовни системи во преку 100 земји.

 Основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци е едно од трите партнерски училишта на Гете-институт во Македонија, кое е дел од светската мрежа на иницијативата „Училишта: Партнери на иднината“ (PASCH).

Со цел наставата да е и понатаму на исклучително високо ниво и на учениците да им е забавно додека го изучуваат јазикот, Гете – Институтот Скопје редовно нуди обуки за стручно усовршување на наставниците по германски како во земјата, така и во регионот, онлајн и во Германија.

За учениците се нудат работилници во Македонија и Германија, јазични кампови во земјата и регионот, јазични курсеви во Охрид и Германија, сертифицирани испити (ФИТ), филмски фестивали, изложби и сл.

А за да се зголеми квалитетот  на наставата, Гете-институт вложува и во опрема во кабинетот по германски јазик. Како најнова донација е куферот со 10 IPad-и кои се наменети ислучително за наставата по германски. Наставниците веќе посетија обука и запознани се со можностите за употреба во наставата и разновидните апликации наменети за интерактивно учење.

На овој начин, учениците преку игри и забава ќе го изучуваат германскиот јазик.

Текст: Гордана Бабоска

Одговорен наставник: Симона Мирчевска

Објавено на 04 10 2018