НОВОСТИ

Основци од „Песталоци“ ќе одгледуваат дрвја и билки во нов пластеник

Зимзелени дрвца, лаванда и рузмарин се првите растенија што ги засадија учениците од ООУ„Јохан Хајнрих Песталоци“ во новиот пластеник направен во дворот на училиштето.

„Ќе садиме дрвја за да имаме почист воздух и училиштето да ни биде поубаво “, вели петтоодделенка од ова училиште. „Сакам да биде преполно со дрвја и со цвежиња, многу се потребни бидејќи без дрвјата едноставно не би можеле да живееме бидејќи тие произведуваат кислород“.

„Туке ќе посадиме дрвја за да се прочисти воздухот во градот и да има повеќе кислород“, додава нејзин соученик.

Пластеникот го донираа родители на учениците, што на овој начин сакаат да го заживеат единственото поголемо парче зеленило во центарот на Скопје.

„Нашите деца се на возраст од 9 и 10 години, а училишниот двор освен што се користи за училишни активности, ние и слободното време го поминуваме овде. Сакавме да направиме нешто што ќе трае, актуелна тема е загадувањето. Идејата беше да се направи еден ваков стакленик, каде децата ќе се запознаат со одгледување на растенија, начинот на садење, грижа, и подоцна ќе си го оплеменат својот училишен двор“, објаснува Александра Милевска Таневска, која го водеше проектот околу донацијата на пластеникот на училиштето.

Нивната желба е со зимзелени растенија кои ќе ги одгледуваат децата да се оплемени целата ограда околу училиштето, а билките и украсните растенија да се засадат во дворот на училиштето. Родителите ќе помагаат околу работата на пластеникот, но тој ќе биде дониран на училиштето. Како што вели директорката, Мирјана Велковска, на овој начин дополнително ќе се развива еколошката свест кај децата од , но и претприемачките вештини кога ќе одлучуваат што да прават со вишокот на растенија кои би ги одгледале.

„Ова е нешто што кај децата треба да ја развие не само свеста кон екологијата, туку и понатаму да развие нешто како претприемачки дух. Во оваа оранжерија ќе се одгледуваат зимзелени растенија кои ќе се засадуваат во овој училишен двор, но и понатаму на иницијатива на децата ќе се бараат други форми како да се пренесуваат. Ова е добро за децата“, децидна е директорката.

Денеска учениците ги засадија првите растенија во пластеникот. На првиот час научија како да направат смеса од хумус и ѓубриво, како се засадуваат дрвца и билки, како се полеваат, а добија обврска и да се грижат за она што го посадиле. Се надеваат дека нивниот труд ќе се исплати и ќе добијат поубав училишен двор, но и почист воздух.

Објавено на 12 12 2018