Училишни секции

Ликовна акција во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ со германскиот уметник Ролф Јан во организација на Гете институт


Од 19-23 мај, во дворот на ООУ „ Јохан Хајнрих Песталоци“ се одржа ликовна акција предводена од германскиот уметник Ролф Јан.

Во неа учествуваа 16 ученика од цела Македонија кои беа избрани по пат на конкурс на кој пристигнаа преку 600 цртежи. Тие заедно со уметникот Ролф Јан сликаа на еден од надворешните ѕидови на училиштето.

Во присуство на голем број ученици, наставници и родители, на 23 мај во 12 часот беше откриен свежо насликаниот ѕид, а на младите уметници и на нивните ментори им беа доделени дипломи и признанија за нивното учество во оваа ликовна акција. Учениците кои беа одбрани од ООУ „ Јохан Хајнрих Песталоци“ беа Јана Поповска од IV-3 и Анастасија Андоновска од VIII -3. Нивни ментори беа Симона Мирчевска, Благородна Наумоска и Нада Ѓорѓиевска. На откривањето на ѕидот му претходеше квиз за познавањата на учениците за Германија и во кој се вклучија ученици од повеќе училишта. Победници беа Теодор Андоновски од ООУ „Ј.Х.Песталоци“, Илијана Буховски и Теа Божиновска од ООУ „Владо Тасевски“.

Ликовната акција ја организираше Гете-институт, Канцеларија за врски Скопје, во рамки на третото издание на Фестивалот за слика и филм BUFF.

Основните училишта „Ј.Х.Песталоци“ и „Владо Тасевски“ од Скопје и „Григор Прличев“ од Охрид се дел од мрежата на Германски партнерски училишта (PASCH). Гете институтот ги поддржува овие три основни училишта преку Проектот Германски јазик од прво одделение, разни натпревари, квизови и културна програма, со што придонесува наставата по предметот Германски јазик да биде поатрактивна за учениците. Посебно ангажираните ученици од осмите одделенија, имаат можност да посетуваат бесплатни курсеви по германски јазик во траење од еден семестар, а најдобрите од нив, одбрани по пат на тестирање, добиваат стипендија за тринеделен јазичен курс во Германија кој им овозможува да ги продлабочат познавањата на германскиот јазик, да ја зајакнат интеркултурната компетенција и лично да ја доживеат Германија и нејзината култура. Оваа година за стипендија во Германија се изборија ученичките Анастасија Петличковска и Дарја Мадевска.

Ликовен натпревар и работилиница "Откриј ја Германија" во рамки на фестивалот за слика и филм BUF

Видеото е изработено од Наташа Ѓорѓиоска