Училишни секции

Секциите по предметот Македонски јазик - секогаш активни


Во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, години наназад активни се Литературно-новинарската и Драмско-рецитаторската секција со кои раководат наставниците, дипломирани професори, Снежана Велкова и Ана Георгиева.

За секоја наставна година одговорните наставници подготвуваат Предлог-план за работа на секциите, а по нивното формирање, истиот го дополнуваат со предлози од учениците-членови на секциите. Активностите на секциите се одвиваат континуирано во текот на учебната година, а се состојат од: проширување на знаењата од областа на литературата, вежби за изразно и за драмско читање, за творење за доживеано рецитирање и драмски изведби, настапи со лични стенд-ап текстови, лични поетски и прозни творби, учество на разни литературни конкурси, примена на ИКТ, организирање литературни читања со македонски автори и со ученици од други училишта, учество на разни манифестации и сл.

Организиравме литературни натпревари за младите литерати од основните училишта во Општина „Центар“. Доделувавме признанија-благодарници за најуспешните автори, а нашиот познат сликар „на цвеќето“ и признат хуманист, Цветин, им подаруваше свои слики.



Нашите членови-млади литературни творци, својот талент го потврдуваат освојуваат награди на разни литературни конкурси. Наша ученичка, Мирна Ќорвезироска, беше првиот ученик кој ја освои наградата „Феникс“, организирана од Општина „Центар“, за млад литературен талент кој освојуваше награди уште од II одделение и пленеше со своите творби.