Стручни соработници

Родители, прочитајте како да го подготвите вашето дете за прво одделение!


Она што секој родител може да го направи за да му го олесни на своето дете поаѓањето во прво одделение, е да развива позитивна слика за училиштето уште додека детето оди во градинка

Почетокот на учебната година е голема промена во животот на детето, особено за првачињата. Во зависност од родителите и од околината, таа промена може да биде пријатна или непријатна. По правило имаме родители кои се обидуваат да ги подготват децата за одењето на училиште да им биде лесно, но понекогаш претеруваат и децата заради силните уверувања дека во училиштето ќе биде забавно и интересно, повеќе и не им веруваат.

Околината која влијае врз децата се пријателите од градинката, постарите браќа и сестри, роднините и соседите. Преку интеракција со нив добиваат слични или различни слики, рамо до рамо со оние на родителите. Колку е поголемо преклопувањето на едните со другите, толку детето е постабилно и побезбедно.

Родители, развивајте кај децата позитивна слика за училиштето

Она што секој родител може да го направи за да му го олесни на своето дете поаѓањето во прво одделение, е да развива позитивна слика за училиштето, уште додека детето оди во градинка. Родителите не би требало да го користат терминот „училиште" како застрашување или казна (на пример, „За казна ќе те испратам на училиште, таму ќе мора многу да работиш“, или „Ќе видиш ти кога ќе тргнеш на училиште, таму нема повеќе играчки и бонбони!“).

Треба да се обидете секој позитивен пример од училиштето во кое оди постарата сестра на детето, или соседот, дури и своето искуство од младоста, да го споделите со детето, со што ќе му се претстават различностите и интересните работи кои го очекуваат во училишната околина. Но, подеднакво важно е на детето да му се опише и објасни разликата помеѓу градинката и училиштето. Детето треба да знае дека во училиштето го очекуваат помалку игри, сон, а многу повеќе работа, должности и одговорности. Родителите често со своето однесување децата уште повеќе ќе ги вознемират, а децата тоа можат негативно да му го припишат на училиштето и на тој начин да се здобијат со негативен став за училиштето.

"Родители, не чекајте училиштето да го воспитува вашето дете"

Некои родители велат дека се среќни што децата тргнуваат в училиште, а потоа плачат (од радост, од грижа) и на тој начин на детето му испраќаат збунувачка порака. Но, исто така, родителите може да покажат безгрижен став за училиштето, што подоцна на детето му ја влошува училишната ситуација, бидејќи тоа не очекувало „толку многу“ задачи и работа. Родителите, пред се, ги учат децата на обврските, одговорностите и навиките. Ако родителите не го покажуваат ова однесување, не можат да очекуваат дека децата одеднаш самите ќе ги усвојат работните навики, дека ќе пишуваат задачи, итн. Но, исто така, родителите мора да бидат подготвени да работат секој ден со своите деца (дури и со оние кои одат во дневен престој). „Родители, не чекајте училиштето да го воспитува вашето дете и да го научи на навиките и одговорностите, учете ги на тоа уште во предучилишната возраст!"

Она што секој родител може да го направи е да го научи своето дете како да ги развие работните навики и да стекне одговорност за своите постапки. Доволно е детето да научи да го храни домашното милениче, да го прошета кучето, да го среди креветот, да ја исчисти масата по јадењето, да ги стави играчките на место или да изврши полесна задача во домаќинството, или да изврши некоја семејна задача. На тој начин стекнуваат работни навики и одговорност. Она што е можеби уште поважно е сознанија за личната хигиена и за животните навики. Па оттука, детето треба да ја усвои навиката за одење в кревет во исто време, миење на рацете по играта и кога ќе влезе дома, миење на забите, итн. Структурата во животот на детето му овозможува полесно прилагодување на образовниот систем. Децата кои веќе имаат воспоставено позитивни навики и однесувања - полесно работат и учат во училиштето. Децата кои имаат развиено работни и животни навики, многу полесно ги усвојуваат новите навики, а особено обврските и правилата во врска со училиштето.

Самодовербата на детето е многу важна

Со овој опишан начин на усвојување навики и одговорности, родителите индиректно ја развиваат самодовербата на детето, која е многу важна во моментот кога тоа тргнува на училиште и се справува со новите промени во животот. Ваквиот начин на работа или поминување време со своите деца, е поважно од учење на буквите, пишувањето, па дури и читањето. Она што децата го учат во прво одделение се буквите, пишувањето и читањето. Значи, родителите не треба да се мачат и да се обидуваат да го учат своето дете посебно, особено ако детето тоа не го сака.

Сепак, многу деца имаат постари браќа или сестри и со нив учат букви или покажуваат желба за учење. Многу градинки веќе ги подготвуваат децата и низ играта ги учат буквите. Во таква ситуација, многу од родителите се плашат дека нивното дете ќе заостанува во одделението ако не го научат да пишува. Тоа можеби и е вистина, но само за некој ден или недела, бидејќи децата на оваа возраст учат брзо и брзо надоместуваат.

Друг аспект на функционирањето на детето е од суштинско значење за тргнување на училиште, а тоа е социјализацијата на детето и емоционалното функционирање. Родителот кој го познава своето дете релативно добро може да предвиди дали тоа ќе се адаптира на своите врсници и на наставниците. На децата понекогаш им помага да започнат во прво одделение со познаник или пријател од соседството или градинката. Но, ако тоа е или не е случај, секако дека детето треба да се охрабрува да се запознава со нови соученици, бидејќи на тој начин ќе го проширува кругот на пријателите и подобро ќе се чувствува при доаѓањето во училиште.