Стручни соработници

„По поаѓањето во прво, преминот во шесто одделение за ученикот е најстресно“





Со цел поуспешно да се надмине овој период, родителите би требало да имаат на ум дека комуникацијата е основа на сите односи и превенција од можни недоразбирања.

По поаѓањето во прво одделение, преминот во шесто за ученикот од основното училиште е најстресниот период. Причината за тоа е што за ученикот работите темелно се менуваат. Додека првите пет години децата ги поминуваат под надзор на наставниците од одделенска настава, кои многу добро ги познаваат и согласно на тоа го адаптираат темпото на работа до петто одделение, наставникот во шесто го заменува одделенскиот раководител, а предметните наставници, кои имаат секој свои барања, самостојно ја изведуваат наставата по своите наставни предмети и создаваат односи со учениците. Покрај тоа, учениците имаат повеќе обврски, а помалку време за игра.

Постојат ученици, но исто така и родители, кои потешко се снаоѓаат во новата ситуација. Некои ученици преминот го разбираат како слобода, без при тоа да ја разберат одговорноста, која е голема. Уште поголем проблем се јавува ако и родителите почнат така да се однесуваат. Многумина мислат дека училиштето е грижа само на наставниците и на децата.

Најголемите тешкотии при транзицијата во шесто одделение можеме да ги очекуваме кај оние деца кои послабо читаат, на кои им е потребна постојана помош во учењето, кои имаат помалку развиени работни навики и кои не ги автоматизирале математичките операции.

Со сите овие проблеми треба да имаме на ум дека ова е, исто така, времето на влегување во пубертетот на детето, што овој период го прави уште посложен.

За поуспешно и заеднички да се мине овој период, родителите би требало да имаат на ум дека комуникацијата е основа на сите односи и превенции на можните недоразбирања.

Позитивниот став на родителите кон училиштето во голема мера влијае на мотивацијата на детето и успехот во учењето. Родителите би требало секогаш да бидат подготвени да му помогнат на детето, да го сослушаат, да го разберат и доследно да го контролираат, редовно да контактираат со училиштето за навремено да реагираат доколку му е потребна помош.