Стручни соработници

Како да се подготви детето за училиште




Децата од почеток треба да се оспособуваат да бидат самостојни во учењето и во извршувањето на училишните обврски.

Бидете му на располагање на вашето дете ако наидува на пречка или проблем, бидејќи и на возрасните понекогаш им е потребна помош и среќни сме кога имаме некој кој би ни помогнал во извршување на некоја задача. Секогаш бидете позитивни, пофалете го своето дете не само кога ќе постигне добри оценки, туку и за секој негов чекор кој го води кон добра оценка. Таквите пофалби го мотивираат детето да продолжи во работењето.

Најнапред, детето треба да се насочува и да му се врши надзор, да му се прегледуваат домашните работи, да се контролираат задачите за вежбање, да се испрашува за материјалот, да му се помага околу она што е за него нејасно. Но, при тоа не треба на детето да му се нудат готови решенија, туку да се насочува самото да дојде до решенијата.

Понекогаш, кога на детето нешто не му е јасно, родителите го губат трпението и прибегнуваат кон полесен начин, па на детето му нудат готово решение, но со тоа не му помагаат, туку напротив, го попречуваат и му отежнуваат, дури и го спречуваат во неговото осамостојување.

Подобро е да му се обезбеди поддршка на детето, да му се укаже или да се упати како да реши задача или проблем, но самостојно.

Улогата на родителите во процесот на учењето е исклучиво советодавна, а извршниот дел препуштете му го на своето дете.

Во прво време, добро е веднаш на детето да му се објасни какви се вашите очекувања за извршување на неговите училишните обврски. Да речеме, „Очекувам редовно да пишуваш домашна задача и да побараш помош ако имаш нејаснотии“. Вашите очекувања треба да бидат реални во однос на способностите на детето, но не премногу ниски или премногу високи. Не го споредувајте вашето дете со другите деца од одделението. Поттикнувајте го да учи за себе, а не за оценка.

Објаснете му на вашето - ученик дека секојдневното пишување домашни задачи и учењето треба да му стане рутина. Заедно со детето изработете план на дневни обврски, договорете се кога ќе пишува домашна работа, кога ќе учи, одмора и ќе си игра. Секој ден, прашајте го детето да ви раскаже што изучувало и што научило во училиштето и побарајте од него да ви ги покаже тетратките.

Учењето е процес кој бара време и напор. Некои деца полесно запомнуваат ако тие го прочитаат текстот, на некои им е полесно ако го слушаат од другите. Другите претпочитаат да цртаат или пишуваат, а третите се движат додека учат. Најважно е само да му помогнете на вашето дете да открие кој стил на учење најдобро му одговара и со кој метод најлесно запомнува.